По една година затвор за тројца од обвинетите за насилство на протестот за „Монструм“

Архивска фотографија - Протест против пресудата за случајот „Монструм“, Скопје 26 февруари 2021

На тројцата од обвинетите за насилство на протестите поради пресудата во случајот „Монструм“, Шабан Весели, Бехар Далити и Бесар Калиси, кои на денешното прво рочиште го признаа делото, Судот денеска им изрече затворска казна од времетраење од една година. Првостепено осудените остануваат во притвор.

Судијата Марин Станевски рече дека за обвинетиот Бесим Касами ќе се издвои постапката поради неговата влошена здравствена состојба. Исто така постапката ќе биде издвоена и за Суља Башким, бидејќи не е достапен за органите за прогон. За двајцата обвинети, Артон Садики и Фабио Идризи, кои се изјаснија дека не се чуствуваат виновни, судење ќе продолжи на 31 март.

Скопското обвинителство кое го застапува случајот обвинетите ги товари за кривичното дело „Учество во толпа која ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик”. Според одредбите од овој член обвинетите може да се казнат од шест месеци до пет години казна затвор.

Видео-прилог за протестот против пресудите за случајот „Монструм“, 26 февруари 2021

Според Обвинителството, „обвинетите на 26 февруари, како учесници на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“, биле дел од толпата која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Обвинетите и други засега непознати лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници“.