Ако се влоши ковид ситуацијата ќе има подолг полициски час, најави Филипче

Полициски час како мерка против ширењето на коронавирусот, Скопје март 2021

Следни чекори би биле зголемување на полицискиот час и скратувањето на работата на угостителските објекти. На почетокот на следната недела ќе правиме нова проценка, а сметам дека ќе имаме резултати од полицискиот час. Досегашните мерки се доволни, но ако има влошување, тогаш ќе мора нивно засилување, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Но, како што додаде, тие се сега само евентуални, бидејќи во моментов проценката е дека ситуацијата треба да остане како што е.

Во Македонија во моментов во сила е полициски час, со кој се забранува движењето од 22 часот навечер до 05 часот наутро, за кој Филипче, пред два дена рече, дека ќе даде резултат за 4-5 дена.

Филипче рече дека по неколку дена со илјада и над 1 000 новозаразени за еден ден, денеска нивниот број е под илјада. Најави дека ќе се следи ситуацијата викендов и на почетокот на следната недела Комисијата за заразни болести ќе ги анализира податоците.