Почна судењето за насилство на протестот за „Монструм“, тројца признаа вина

Фотографија од протестот на роднините и поддржувачите на осудените во случајот „Монструм“, Скопје 26 февруари 2021

Тројцата од обвинетите за насилство на протестите поради пресудата во случајот „Монструм“, Шабан Весели, Бехар Далити и Бесар Калиси, на денешното прво рочиште за овој случај, го признаа делото пред Судот, и нивното судење ќе продолжи денеска во издвоена постапка. Двајцата обвинети, Артон Садики и Фабио Идризи, се изјаснија дека не се чуствуваат виновни, и нивното судење ќе продолжи на 31 март.

Судијата Марин Станевски наведе дека за обвинетиот Бесим Касами ќе се издвои постапката поради неговата влошена здравствена состојба, а постапката за Суља Башким исто така ќе биде издвоена бидејќи не е достапен за органите за прогон.

Скопското Обвинителство, кое го застапува случајот, ги товари обвинетите за кривичното дело „Учество во толпа која ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик”. Според одредбите од овој член обвинетите може да се казнат од шест месеци до пет години казна затвор.

Според Обвинителството, „обвинетите на 26 февруари, како учесници на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“, биле дел од толпата која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Обвинетите и други засега непознати лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници“.

Видео-прилог од протестот поради пресудите за „Монструм“, 26 февруари 2021

Протестот на 26 февруари беше организиран поради незадоволството на семејствата и поддржувачите на обвинетите во случајот „Монструм“ по изрекувањето на доживотни казни затвор за обвинетите Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, единствена казна затвор од 15 години за обвинетиот Фејзи Азири и единствена казна затвор од девет години на обвинетиот Хаки Азири, обвинети за петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година, а обвинението беше одбиено за обвинетиот Сами Лута, поради откажување на јавниот обвинител.