Османи уверен дека несогласувањата со Софија ќе се надминат

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи

Уверување дека Северна Македонија заслужува почеток на преговори со Европската Унија, како и поддршка за што е можно поскоро финализирање на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција без натамошни одложувања изразила денеска шпанската министерка за надворешни работи, Европска Унија и за соработка Аранча Гонзалес Лаја на средбата во Мадрид со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

На заедничката прес-конференција со Гонзалес Лаја, одговарајќи на новинарско прашање за спорот со Бугарија, која во декември стави вето на почетокот на преговорите, тој рече дека верува оти во интерес на Софија е да ја промовира европската интеграција на сите земји во регионот.

Османи: Спорот со Софија не е подигнат на ниво на услов за ЕУ, ама мора да се реши

„Моментално имаме препреки, но уверен сум оти низ рационален дијалог со Софија, тие ќе бидат надминати“, рече Османи.

Шефот на дипломатијата изрази уверување дека имаме капацитет да најдеме решение кое ќе ни помогне да ги надминеме препреките.

Османи на заедничката прес-конференција потенцираше и дека кога се говори за иднината на Европа, ЕУ мора да биде погласна и појасна во однос на земјите од Западен Балкан, спроведувајќи инклузивен процес со поголема вклученост, на идните земји-членки.

Бугарија лани во декември стави вето на преговарачката рамка на Македонија и ЕУ, повикувајќи се на тоа дека Скопје не го исполнува Договорот за добрососедство, но, инсистира и на признавање на бугарски корени на македонскиот идентитет и јазик, нешто што според премиерот Заев, е македонска црвена линија и „за тоа нема преговори“.