Судење за „Меѓународен сојуз“ - Камчев не сака да биде сведок

Архивска фотографија - Јордан Орце Камчев во суд како сведок во случајот „Рекет“

Бизнисменот Орце Камчев, кој е во притвор и денеска беше спроведен од затворот во Шуто Оризари за да сведочи во предметот „Меѓународен сојуз“, побара да биде изземен како сведок од овој предмет.

„Барам да бидам изземен затоа што во околности кога од Обвинителството и Судот грубо се крши законот и ми се одредува притвор, мојот кредибилитет како сведок е нарушен и нема да му бидам од корист на обвинителството”, рече Камчев.

Тој додаде дека „веќе не знае кое Обвинителство го гони и во кој предмет. На неговото барање за изземање како сведок во предметот Меѓународен сојуз реагираше обвинителката Ивана Трајчева.

„Сведокот е повикан на околноста за тоа колку е запознаен и дали е запознаен со проектите кои требало да бидат реализирани од Меѓународниот сојуз. Притворот во друг предмет нема никаква врска со неговиот исказ и кредибилитет. Таа постапка е сосема различна од таа што се води денеска. Ако смета дека му се прекршени права, таму треба да го изнесе тоа”, рече обвинителката Трајчева, по што испрашувањето на Камчев како сведок продолжи.

„Ми беа понудени два проекти од „Меѓународен сојуз“, еден за старски дом и еден за трговски центар. Првично проектите ми беа понудени од Зоран Милевски, Катица Јанева, нејзиниот син и Бојан Јовановски“, рече Камчев и додаде дека „не го прифатил проектот за трговски центар бидејќи проценил дека ќе нема финансиска корист“.

Видете и ова: „Меѓународен сојуз“ - Обвинителството изнесува докази, Боки 13 бара изземање на Русковска


Во однос на старечките домови, Камчев кажа дека Бојан Јовановски му рекол дека „бил излажан од градоначаланикот на Карпош, Стефан Богоев, дека ќе му помогне за наоѓање локација и од тогаш не бил во добар однос со Богоев“.

Пред Камчев сведочеше претседателката на собранието на „Меѓународниот сојуз“, Агапи Дика, која кажа дека сакала да поднесе оставка од функцијата во невладината организација на третото закажано собрание, но тоа не се одржало. Проектите за старски домови, како што рече, никако не се реализирале, но не знае зошто.

Обвинети во овој случај се Бојан Јовановски - Боки 13, поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ. Јовановски е обвинет за „измама и перење пари“, Ременски е обвинета за „помагање во делото измама“, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.