Нови рочишта за „Меѓународен сојуз“ и „Организаторите на 27 април“

Обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски на прво рочиште од судењето за 27 април

Во Кривичниот суд Скопје денеска е предвидено ново рочиште за предметот „Меѓународен сојуз“. Судијката Софче Ефремова на последното рочиште за овој предмет најави дека денеска треба да сведочат Јордан Камчев и Агапи Дика.

Обвинети во овој случај се Бојан Јовановски, поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.

Јовановски е обвинет за „измама и перење пари“, Ременски е обвинета за „помагање во делото измама“, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.


Денеска во судот продолжува и судењето за „Организаторите на 27 април”. На претходното рочиште за овој предмет, кој е во доказна постапка, сведочеше поранешниот републички јавен обвинител Марко Зврлевски, по предлог на одбраната на обвинетиот Владимир Атанасовски, поранешен директор на УБК.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, екс-министрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Според обвинителниот акт за овој предмет тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.