Нема нови рестрикции, останува сегашниот полициски час

Министерот за здравство Венко Филипче

Министерот за здравство денеска соопшти дека на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести било констатирано дека актуелните мерки и рестрикции, односно полицискиот час од 22 до 5 часот, треба да останат и нема потреба во овој момент да се надополнуват. До крајот на неделава ќе се прават дополнителни анализи.

Филипче на денешната прес-конференција потенцираше дека во изминатите четири недели има константо зголемување на бројот на заразени со коронавирус.

„Се наоѓаме во екот на третиот бран, за еден месец бројката е зголемена за 5000 заразени. Во болниците има околу 1100 пополнети болнички места, притисокот во Скопје беше навистина голем. Според анализите, треба да остане оваа мерка, ќе даде резултати за 4-5 дена“, рече Филипче.

Од почетокот на коронакризата, во Македонија се регистрирани 113.929, оздравени се 98.676, починати се 3.364, а активни случаи се 11.889. Вакцинација, засега, се врши само меѓу здравствените лица.