Од Шутка до Арктикот

ХРВАТСКА / СРБИЈА - Во четвртокот, на 11 март 2021 година, хрватското Министерство за надворешни и европски работи (МВПП) достави протестна нота до Министерството за надворешни работи на Република Србија, изразувајќи загриженост за бројни случаи на закани, заплашувања и навреди на претставници на хрватското национално малцинство во Република Србија, објавено беше денеска во Загреб.

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков останува во притвор во Шутка, откако Апелациониот суд во Скопје му ја одби жалбата.

ГРЦИЈА - Карантинот и рестрикциите во Грција се продолжуваат за уште една седмица. Во земјата од вторник до 29 март ќе бидат затворени основните и средните училишта на цела територија, а онлајн настава ќе следат и учениците во деловите од земјата каде што се одржуваше редовна настава со физичко присуство.

РУСИЈА - Осуденици ќе учествуваат во операцијата за чистење на контаминираната зона на Арктикот по истекот на големо количество нафта таму, соопшти шефот на рускиот Федерален казнено-поправен систем, Александар Калашников. Тој ги замоли шефовите на филијалите на затворите сместени во арктичката зона да продолжат да учествуваат во операциите за чистење.

ЦРНА ГОРА - Италијанско-рускиот конзорциум Ени-Новатек на 25 март ќе го почне првото истражувачко дупчење кое треба да покаже дали има нафта во црногорското приморје, соопштија министерот за капитални инвестиции Младен Бојаниќ и државниот секретар во тој ресор Марко Перуновиќ на денешната прес-конференција.

САД - Американскиот претседател Џо Бајден и лидерите на Австралија, Индија и Јапонија одржаа видео состанок за да ја нагласат важноста на регионалната безбедносна соработка во Индо-пацифичкиот регион.

БЕНИН - Пирати киднапирале 15 членови на посадата на танкерот Давид Б во Гвинејскиот Залив кај западноафриканската држава Бенин, соопшти денеска холандската поморска компанија Поли Шипменаџмент.

СРБИЈА - Српската влада донесе нови мерки за сузбивање на епидемијата на коронавирус. Донесена е одлука од вечерва во 21 часот до понеделник во пет часот наутро да бидат затворени сите угостителски објекти, сите продавници, освен оние за храна, козметичките и фризерски салони, спортски обложувалници, казина, игротеки, вежбалници и спортски објекти.

ТУРЦИЈА / ЕГИПЕТ - Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека Турција и Египет започнале со контакти на дипломатско ниво, пренесува Анадолија, потсетувајќи дека тоа се случува по повеќегодишна пауза по нарушувањето на односите во 2013 година.

БЕЛГИЈА / МАКЕДОНИЈА - Од Европската комисија (ЕК) за МИА објаснуваат зошто Северна Македонија е единствена земја што не доби парче од колачот на Солидарниот фонд за пандемијата, јави дописничката на МИА од Брисел. Од портпаролската служба на Европската Комисија за МИА детално ги образложија условите за аплицирање за помош од Солидарниот фонд на ЕУ.

СРБИЈА - На 12 март се одбележува осумнаесеттата годишнина од убиството на српскиот премиер и лидер на Демократската партија, Зоран Ѓинѓиќ во Белград. Во дворот на зградата на Владата на Србија, на местото каде што беше убиен Ѓинѓиќ во 2003 година, цвеќе полошија и запалија свеќи премиерката Ана Брнабиќ и членовите на сегашната Влада предводена од Српската напредна партија.

МЈАНМАР - Воената хунта веројатно извршила злосторства против човештвото откако ја презеде власта во Мјанмар на 1 февруари, изјави специјалниот известувач на ОН, Томас Ендрус.