До денеска се попишале 49.837 македонски државјани во странство

Илустрација

Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска на својата веб страница објави дека до денеска до 8 часот, преку апликацијата за самопопишување, се попишале 49.837 лица.

„Со пријавувањето на апликацијата, корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација, и телефонски број на корисникот. При регистрација на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците“, објави ДЗС.

Предвидено е собраните податоци преку Апликацијата за самопопишување да се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку Апликацијата за самопопишување, како што велат од ДЗС, не значи по автоматизам број на резидентно население на Република Северна Македонија.

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa на 1 март со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Оваа активност ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот, кој ќе започне на 1 април.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму останува на ставот дека „власта сака да го злоупотреби пописот за партиски поткусурувања“ и бара одложување на пописот. Од Владата категорично велат дека „попис ќе има“.