Од Филипче и Вулин до Слободан Милошевиќ и мексиканската марихуана

МЕКСИКО - Долниот дом на Конгресот на Мексико гласаше за легализирање на марихуаната за рекреација, со што се отвори патот земјата распарчена од насилствата на нарко-картелите, да стане најголемиот регулиран пазар на канабис во светот.

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска во дворот на Кабинетот засади дрвце, македонски даб, во спомен на жртвите од холокаустот на македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка на 11 март 1943-тата година, а и истовремено, во негово име, а во соработка со амбасадата на Израел, дрво беше засадено и во Ерусалим, во парк шумата на мирот, Амандав, соопшти денеска Кабинетот на Претседателот.

МАКЕДОНИЈА - Државниот завод за статистика ги отфрла пишувањата на некои медиуми дека бара одложување на Пописот поради состојбата со коронавирусот.

ЕУ - Европската комисија даде условно одобрение за употреба на вакцината против ковид-19 на американскиот производител Џонсон и Џонсон, која за разлика од другите досега одобрени вакцини, се дава само во една доза.

МАКЕДОНИЈА - Угостителските објекти за свадби, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, моментално се затворени, но ако има можност до пред сезоната секако дека ќе направиме напори да бидат отворени и да се стават во функција, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Угостителите денеска пак излегоа на протест со свадбен декор пред владата.

СРБИЈА - Српскиот министер за внатрешни работи и лидер на социјалистичкото движење, Александар Вулин, на 11 март оцени дека поранешниот претседател на Србија и Сојузна Република Југославија (СРЈ) Слободан Милошевиќ со својот живот и смрт, заслужува почит кон Србија и Србите, но и сите луѓе што ги почитуваат борци за слобода .

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска преку писмо побарал од неколку амбасадори во Македонија да влијаат на одложување на пописот кој треба да започне од 1 април. Во писмото тој пишува дека од лично искуство знае какви последици може да предизвика пандемијата по здравјето, па од таму бара да се сопре теренското испитување.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска на прес-конференција во ресорното министерство ги отфрли сите обвинувања, и објаснуваше како течела целата постапка за набавка на кинеските вакцини, по што заклучи дека апсолутно не се работи за нешто што е нерегуларно и надвор од законот. Тој, како што рече, ги осудува обидите на опозицијата да ѝ фрлат дамка на сериозната состојба со Ковид-19.

БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира, како што рекоа, лагите кои Красимир Каракачанов ги објавува на својот фејсбук профил. Ниту еден од посочените функционери на ВМРО-ДПМНЕ нема бугарски пасош, што само покажува дека неговата денешна објава е класична лажна вест, реагираа денеска од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, откако бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, на својот официјален фејсбук профил, објави 20-ина имиња на луѓе од Македонија за кои вели дека се многу интересни и кои, според него, имаат бугарски пасоши. На списокот се и имињата Антонијо Милошоски, Александар Николоски, Никола Мицевски...

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев и американската амбасадорка во Македонија, Кејт Мери Брнс, вчера имале средба на која разговарале за усвоениот владин План за борба против корупцијата, соопшти денеска владината прес-служба.