Фантоми и единици

МАКЕДОНИЈА - Италијанскиот весник Ла верита денеска, во текст со наслов Битка помеѓу Кина и Русија за Балканот, објави дека причината за враќање на авансот од Македонија даден за вакцините од кинескиот производител Синофарм е тоа што, како што вели весникот, зделката требало да се одвива преку фантом фирма со седиште во Хонг Конг. Премиерот Зоран Заев дементираше дека е направено некакво незаконско дејство.

РУСИЈА / ТУРЦИЈА - Рускиот и турскиот претседател Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган денеска беа сведоци на започнувањето на изградбата на нов реактор на првата нуклеарна централа во Турција. Тие во живо преку видео врска го следеа поставувањето на третата единица на нуклеарната централа Акују во јужна Турција.

БУГАРИЈА - Репортери без граници објавија 10 препораки за тоа како да се реши тешката состојба на слободата на печатот во Бугарија, посочувајќи дека земјата се обидува да стимулира национална дебата за оваа витална работа пред изборите закажани за следниот месец.

ЕУ - Претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска информираше дека Фајзер и Бионтек ќе достават дополнителни четири милиони дози од нивната вакцина во Европската Унија (ЕУ) во следните две недели за да се борат против ширењето на мутирани варијанти на коронавирус.

МАКЕДОНИЈА / ЦРНА ГОРА - На заедничкиот регионален пазар целта е да се зајакне економската соработка, да се зголеми конкурентноста, но и привлечноста за пазарите на ЕУ. Регионална конкурентност, наместо регионална конкуренција. Ова е нашата иднина, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи, на денешната заедничка прес-конференција со потпретседателот на црногорската Влада, Дритан Абазовиќ, по средбата на која се разговарало за економската соработка помеѓу двете земји. И двајцата вицепремиери изразија желба за продлабочување на односите на сите на Балканот.

САД - Судија од Минесота започна процес на распоредување порота во судењето на Дерек Шовин, поранешен полицаец во Минеаполис, кој се соочува со обвиненија за убиството на Џорџ Флојд, за време на апсењето во мај минатата година. Шовин, белец, е обвинет за извршено убиство од втор степен кога за време на апсењето клечеше на вратот на афро-американецот Флојд, скоро девет минути, како што е прикажано на видеото од тој настан.

ШВАЈЦАРИЈА - Позната по својата поголема заразност, мутацијата на коронавирусот VOC 202012/01, првично пронајдена во Велика Британија, е пронајдена во уште пет земји за една недела и нивниот број достигна вкупно 111, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).

МАКЕДОНИЈА - Сојузот на средношколци денеска преку соопштение информираат дека работата на Министерството за образование и наука (МОН) ја оцени со 1, незадоволни што средните училишта сѐ уште се затворени.