ДКСК отвори предмет за софтверот набавен од Рашковски за МВР

Антикорупциска комисија / ДКСК

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска отвори предмет за набавката на софтверот за мерење просечна брзина на возилата и изрекување казни, кој за Министерството за внатрешни работи (МВР) лани во февруари го набавил Генералниот секретаријат на Владата, тогаш предводен од Драги Рашковски, а не се планира да се користи.

„По изнесените информации во медиумите на денешниот колегиум отворивме предмет сметајќи дека има доволно елементи за истражување за причините за набавката на тој софтвер од една страна, и од друга страна, причината зошто тој се уште не е во употреба. И она што беше ризично од наш аспект беше несоодветната комуникација на институциите и отсуството на системски пристап за утврдување на потребите. Тоа беа основните елементи по кои ние постапивме и по сопствена иницијатива, а по допрен глас од медиумите отворивме предмет“, рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска на денешната прес-конференција.

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, најави дека Владата денеска ќе ги соопшти сите детали за набавката на софтверот.

„Владата денес ќе соопшти детали, факти и аргументи за целиот случај. Дадена е насока од премиерот да се истражи случајот, сите информации и детали денеска ќе бидат соопштени од Владата и Генералниот секретаријат“, рече Николовски.