Достапни линкови

Не е само софтверот за МВР, Владата ѝ исплатила на „Инвока“ околу 400 илјади евра


Надзорна камера. Илустрација
Надзорна камера. Илустрација

Без веб страница и контакт информации, информатичка фирма работи на одржување на софтвери за потребите на македонската Влада. За сервисирање и набавка на софтвер, македонските институции на Инвока Гроуп во изминативе три години ѝ исплатиле речиси 400 илјади евра.

Софтверска компанија без сопствен сајт и контакт информации работи на одржување на компјутерски програми на десетици државни институции. Станува збор за Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока груп“ од која Генералниот секретаријат на Владата купил софтвер за определување на брзина на возила во сообраќај и изрекување казни.

Радио Слободна Европа се обиде да стапи во контакт со управителот на компанијата, да побара веб сајт со портфолио на „Инвока гроуп“, но безуспешно. До објавувањето на овој текст не добивме одговори на електронски испратените прашања на маилот оставен за контакт во Централниот регистар.

Во изминативе три години, колку што постои компанијата, од македонските институции наплатиле 62 илјади евра за одржување на софтвери, покажува владината дата база „Отворени финансии“. Во неа може да се забележи дека под контото „поправка и одржување на софтверска и хардверска опрема“ од сметките на институциите биле исплаќани фактури со вредност од 4 евра па се до илјада или две илјади евра. Од сметката на Генералниот секретаријат на Владата со потпис на поранешниот генерален секретар, а сега советник во кабинетот на премиерот, Драги Рашковски, биле исплатени фактури за 323 илјади евра за набавка на два софтвери, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.

Првиот е наменет за Министерството за внатрешни работи кој наводно треба да стане дел од проектот „Безбеден град“ и се однесува на казнување во сообраќај и чини 81 илјада евра. Вториот, пак, се однесува на софтвер за полагање испити во 14 институции. За набавка на вториот софтвер за полагање на испити во државни институции и за негово одржување од Генералниот секретаријат на Владата биле наплатени 242 илјади евра. Потписник на набавките е поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.

Рашковски уште во 2018 година го патентирал „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“, покажуваат информациите на „ 360 степени“. Во тој период софтверот не бил изработен во целост од фирмата „Инвока Гроуп“ затоа што според известувањето за склучен договор на Бирото за јавни набавки, набавката во целост била реализиран во 2020 година.

МВР: Тој софтвер не е дел од нашиот систем

Проблемот со првиот тендер со кој Рашковски набавил софтвер за камерите од „Безбеден град“ е што Министерството за внатрешни работи нити го користи, нити им е потребен.

„Во врска со набавката на софтверот за кој прашувате, ве известуваме дека тој софтвер не е дел од системот на МВР“ велат во одговорот до РСЕ од МВР.

Дополнително од МВР велат дека системот „Безбеден град“ сè уште не може да се користи за санкционирање на сообраќајни прекршоци и токму поради тоа сега МВР работи на целосно нов проект за таа цел. Засега тој систем се користи само за расчистување на различни кривични дела, односно како помош во соодветна истрага.

„Во рамки на МВР е формирана работна група која работи на проект за воведување на санкционирање на сообраќајни прекршоци преку камери, со што значително би се подигнала безбедноста во сообраќајот. Овие камери е планирано да бидат поставени на улиците во градовите, но и на автопатиштата и пофреквентните патишта. Со тоа би се олеснила работата на сообраќајната полиција, односно би се елиминирала опасноста од несакани последици, како што имавме за жал случаи, кога животот го изгубија припадници на сообраќајната полиција, а ,исто така, имавме и случаи на тешки повреди,“ се вели во одговорот од МВР.

Како што беше објавено во емисијата „360 степени“, Драги Рашковски, како генерален секретар на Владата, набавил софтвер за следење на сообраќајни прекршоци во време на пандемијата, кога проектот за ставање во функција на „Безбеден град“ не е ни одблизу готов, ниту пак МВР имало потреба од таков софтвер.

Драги Рашковски
Драги Рашковски

Антикорупционерите денеска потврдија за Радио Слободна Европа дека на денешниот колегиум е отворен предмет против поранешниот генерален секратар на Владата Рашковски, за набавка на софтвер кој што не се користи во МВР.

„Тука има елементи за отворање на предмет, се направи службена белешка , ќе се распредели по систем кај член од антикоруциската комисија и ќе се почне со работа по тој предмет'“вели претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска.

Премиерот Заев не се сомнева во набавката, си имало причина за тоа


Премиерот Зоран Заев на новинарско прашање на денешната прес конференција изјави дека сите постапки што ги води Владата се со причина, односно дека набавката на софтверот е потребна, а не како што вели МВР.

„Има причинско правни последици зошто е тоа правено. Со документи ќе ви покажеме зошто е набавен софтвер кој може да се употребува во МВР. Постои писмена комуникација меѓу двете институции, Генерален секретаријат и Министерство за внатрешни работи. И самиот софтвер има конечна цел, употребна вредност на улиците. Благодарение на претходни длабински анализи, овие денови ќе бидат соопштени сите детали и документи. Правено е со причина, не дека нас ни текнало во Владата и ќе правиме софтвер“ изјави Заев.

Дел од договорите на Владата (Генералниот секретаријат) со Инвока гроуп објавени во Електронскиот систем за јавни набакви
Дел од договорите на Владата (Генералниот секретаријат) со Инвока гроуп објавени во Електронскиот систем за јавни набакви

Проблемот во оваа набавка е што наместо МВР, ја извршил Генералниот секретаријат на Владата. Дополнително од МВР изјавија дека не планираат да го користат софтверот кој го набавил Рашковски затоа што не е компатибилен со системот „Безбеден град“.

Дел од договорите на Владата со Инвока гроуп објавени на „Отворени финансии“
Дел од договорите на Владата со Инвока гроуп објавени на „Отворени финансии“

Според податоците од Централниот регистар, компанијата Инвока Гроуп е основана две недели по изгласувањето на тогашната нова Влада на чело со премиерот Зоран Заев во Собранието во 2017 година. Оттогаш оваа фирма е ангажирана за поправка и одржување на софтверска и хардверска опрема во министерствата за правда, труд и социјалната политика, внатрешни работи, транспорт и врски, Академија за обвинители и судии и Царина, покажуваат податоците од владината дата база „Отворени финансии“.

Управител и основач на компанијата е Даниел Станчев ,според податоците од Централен регистар, иако на договорот со Владата во 2018 година како потписник и управител е потпишано лицето Трајче Станчев. До фирмата испративме прашања за државните тендери кои ги добиле како и за портфолиото на компанијата, но до објавување на овој текст, одговор не добивме.

Опозицијата го обвини Рашковски за беспотребно трошење државни пари во време на пандемија

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев во чие време бил набавен софтверот, синоќа на Фејсбук напиша дека додека ја извршувал функцијата, во ниту еден момент не бил информиран дека Генералниот секретаријат на Владата извршил набавка на софтвер за детектирање на сообраќајни прекршоци, ниту пак била побарана од МВР спецификација за набавка на ваков софтвер. Тој додава дека никаков софтвер не бил примен во МВР за време на неговиот мандат како технички министер.

„Не ми е јасно зошто Генералниот секретеријат спровел набавка на вакво софтверско решение, со оглед дека Министерството за внатрешни работи, раководено од тогашниот министер, Оливер Спасовски, во истиот период спроведува постапка за набавка на хардверско и софтверско надградување на проектот "Безбеден град", кое вклучува и софтвер за сообраќајни прекршоци, посебно ако се има предвид дека производителот и одржувач на "Безбеден град" со кој МВР има склучен договор, не дозволува инкорпорирање на надворешни софтверски решенија“ напиша Чулев на својот фејсбук профил.

Опозицијата го обвини Драги Рашковски дека потрошил државни пари за софтвер кој не само што не е приоритет во време на пандемија, туку и не може да се користи, настрана што МВР постави камери на скопските сообраќајници уште во 2012 година преку проектот „Безбеден град“. Тогаш беа поставени стотина камери на најфреквентните места, и на влезот и на излезот на Скопје.

„Целта беше да му обезбедат на МВР поддршка за полесно справување со несреќите, за полесно да ги открие тие што ги прекршуваат правилата, но и за анализа на густината на сообраќајот“ велат во писменото соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата вечерва во соопштение до медиумите посочи дека при набавката на софтверот не била прекршена ниту една процедура за јавни набавки, и дека не бил констатиран никаков конфликт на интерес.

„Софтверот, изработен од „ФИНКИ“ и Друштво за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „ИНВОКА ГРОУП“ ДООЕЛ Скопје е целосно оспособен, тестиран и предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци. Создаден е за различни камери, не фаворизира ниту еден хардвер и може да детектира многу широк спектар на различни сообраќајни прекршоци. Тој претставува автоматизиран систем кој го елиминира човечкиот фактор при одлуката за санкционирање на сообраќаен прекршок и со оваа функционалност значајно ќе го подобри регулирањето и почитувањето на сообраќајните правила“ се вели во соопштението.

Во соопштението е наведено дека за тестирањето на софтверот биле известени Министерството за внатрешни работи односно Бирото за јавна безбедност.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG