Во САД почна судењето на полицаецот за убиството на Џорџ Флојд

Архивска фоторафија на еден од протестите по убиството на Џорџ Флојд, на кои заедно застанаа демонстранти и полициски службеници

Судија од Минесота започна процес на распоредување порота во судењето на Дерек Шовин, поранешен полицаец во Минеаполис, кој се соочува со обвиненија за убиството на Џорџ Флојд, за време на апсењето во мај минатата година. Шовин, белец, е обвинет за извршено убиство од втор степен кога за време на апсењето клечеше на вратот на афро-американецот Флојд, скоро девет минути, како што е прикажано на видеото од тој настан.

Убиството на Флојд предизвика протести ширум Соединетите држави, но и низ целиот свет, на кои се протестираше против полициската бруталност и расна нееднаквост.

Судскиот процес започна со избор на порота, што може да трае до три недели. Неколку потенцијални поротници беа распуштени по испрашувањето поради прашања за нивната непристрасност, како и за јазичните вештини. На крајот, ќе бидат избрани 16 поротници, од кои 12 ќе бидат во судницата и четворица кои ќе бидат во резерва.

Судењето на отпуштениот полицаец Дерек Шовин се смета за едно од најзначајните судења во случајот со полициското насилство врз Афроамериканците во Соединетите држави, држава каде полициските службеници скоро никогаш не се кривично одговорни за убиството на цивили.

Адвокатите на Шовин велат дека тој ја следел обуката што му ја дал полицискиот оддел во Минеаполис. Доколку биде прогласен за виновен, Шовин може да се соочи со затворска казна од 40 години.