Не само Бугарите, туку и Еѓипќаните и Романците ќе ги ставиме во Уставот, вели Заев

Зоран Заев

КОментирајќи ја изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, дека сме „спремни да ги внесеме Бугарите во Уставот ако треба“, премиерот Зоран Заев денеска изјави дека има подготвеност да се внесат во Уставот, не само Бугарите, туку и Хрватите, Торбешите, Египќаните, Австријците и Романците.

„Пред влезот во Европската унија, мора да го отвориме Уставот. Една од причините се помалубројните заeдници кои живеат тука и треба да се внесат. Тоа го направи Хрватска пред влезот. Имаме спремност, не само за Бугарите, туку и за Хрватите, Торбешите, Египќаните, Австријците, Романците и други кои и да ги имаме од помалубројните етнички заедници. Ние сме отворено општество, европска земја и ќе го следиме примерот на европските земји“, рече Заев на денешната прес-конференција на која ја претстави новата владина агенда „Европа дома“.

Во Преамбулата на Уставот се споменати „македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите’. За промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.