Објавен извештај според кој Кина направила геноцид над Ујгурите

Илустрација - Архивска фотографија од протест во Канада со транспаренти „Запрете го кинескиот геноцид над Ујгурите“

Во независниот извештај објавен денеска од Њулајнс центарот за стратегија и политика од Вашингтон, се вели дека кинеската влада „носи државна одговорност за геноцидот врз Ујгурите, кршејќи ја Конвенцијата за геноцид на Обединетите нации (ОН)“.

Извештајот на кој работеле над 50 глобални експерти за човекови права, воени злосторства и меѓународно право, открива дека активностите на кинеските власти во Ксинџијанг против Ујгурите ја кршат секоја одредба од Конвенцијата за геноцид на ОН.

Ова е прв пат невладината организација да преземе независна правна анализа на наводите за геноцид во Ксинџијанг, вклучувајќи ја и одговорноста што може да ја сноси Пекинг за наводните злосторства.

Се верува дека до два милиони Ујгури и други муслимански малцинства се сместени во раширените кампови низ Ксинџијанг, се вели во извештајот на американскиот Стејт департмент.