Израел, Кипар и Грција потпишаа договор за електрично поврзување

Израелскиот министер за енергетика Јувал Штајниц

Кипар, Грција и Израел потпишаа прелиминарен договор за изградба на најдолгиот и најдлабокиот подводен далновод, кој ќе биде поставен на дното на Средоземното Море. Кабелот ќе ги поврзе електричните мрежи на трите земји. Проектот е вреден 900 милиони долари.

Проектот, наречен Евроазиски интерконектор, ќе обезбеди резервен извор на енергија во случај на катастрофа, информираше израелскиот министер за енергетика Јувал Штајниц, кој престојува во Никозија заради потпишување меморандум за разбирање со неговите колеги од Грција и Кипар. Според кипарските власти, проектот е клучен чекор што ќе стави крај на енергетската изолација на островот.

Европската унија го признава кабелот како проект од заеднички интерес, што значи дека е подготвена да обезбеди финансирање.