Поранешни војници обвинуваат дека се изманипулирани, Министерството тврди дека сите ќе бидат згрижени

Поранешни војници со наполнети 45 години обвинуваат дека се изманипулирани од страна на Министерството за одбрана, и дека иако им било ветено прераспределување во други институции со повисока плата и бенефиции, тие, како што тврдат, останале на недостоинствени позиции со минимална плата.

Марковски Петко, поранешен војник со наполнети 45 години денеска изјави дека минатата година, во јануари, им било ветено од страна на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и секретарот Драган Николиќ дека ќе бидат прераспределени во пожарна, затворска, судска полиција или други институции со повисока плата и бенефиции, но тоа не се случило.

Тој посочи дека доколку не се реши во најбрзо време нивниот статус, ќе бидат приморани да продолжат со протест.

Државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ изјави дека Министерството за одбрана останува посветено на својот приоритет за решавање на прашањето на професионалните војници со наполнети 45 години. Тој потенцира дека ниту еден професионален војник со наполнети 45 години нема да остане незгрижен, а неговиот статус нерешен.


Тој потсети дека на 1 февруари 2021 година беше објавен проектот за решавањето на професионалните војници.

Николиќ потсети и на законските измени кои се во завршна фаза во Собранието, со кои и професионалните војници откако ќе наполнат 45 години имаат избор – дали да земат отпремнината или ќе продолжат со кариерата во некој од органите на државна управа и органите на локална самоуправа.

Тој апелираше Собранието поскоро да ги изгласа овие законски измени и со тоа да им се овозможи на професионалните војници да можат да имаат и дополнителна опција.