Водата во селските водоводи во Дебар и Центар Жупа и во пандемија не се хлорира

Селска чешма во село Мелничани, Центар Жупа.

Во општините Дебар и Центар Жупа и во состојба на пандемија водата во селските водоводи не се хлорира. Неопходни се брзи мерки со цел проблемот да се надмине . Оваа го изјави за Радио Слободна Европа раководителот на единицата на Заводот за јавно здравје во Дебар , епидемилологот Ментор Мела, јавува нашиот дописник од Дебар, Кенан Мимидиновски.

Мела нагласува дека проблемот со нехлорирањето на водата во овие водоводи е присутен повеќе од три декади, но додава дека тоа се случува и сега кога сме во состојба на пандемија.

„Во 17 селски населби во двете општини од најзападниот регион на Македонија, водата во селските водоводи не се хлорира. Оваа го покажуваат анализите и притоа се издаваат и решенија кои се доставуваат до надлежните институции“, вели Мела и додава дека хлорирањето и понатаму изостанува.

Од друга страна во селските Месни заедници велат дека тие немаат средства за хлорирање на водата. Исто така, според нив, тие немаат ниту средства за одржување на водоводите бидејќи Месните заедници пред неколку години со закон немаат свои жиро сметки. Тие се свесни дека водата не е исправна за пиење, но, велат за среќа, кај населението досега нема некои поголеми проблеми во однос на здравјето.

Епидемиологот Ментор Мела пак потенцира дека во летниот период кај помал дел од населението во руралните средини има појава на одредени заразни заболувања, кои до сега се лекувани без некои поголеми проблеми.

„Добро е тоа што во една ваква состојба населението има развиено имунитет и е отпорно на квалитетот на водата“, вели дебарскиот епидемиолог.