Политичари, вакцини и мајмуни

ИРАК / ВАТИКАН - Посетата на папата Франциск на Ирак е прва папска посета на оваа земја. Средбата на Папата со премиерот на Ирак, кој го пречека на аеродромот, беше придружена со настап на хор. Ирачкиот министер за надворешни работи Фуад Хусеин ја опиша посетата како историска средба меѓу минариња и ѕвона (камбани н.з.).

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот полициски службеник Игор Спасов денеска беше екстрадиран од Бугарија во Македонија и вратен во затворот Идризово на доиздржување на 14-годишната затворска казна што му е одредена за убиството на тинејџерот Мартин Нешковски на 5 јуни 2011 година на скопскиот плоштад, за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на тогашните предвремени парламентарни избори.

МАКЕДОНИЈА - Ако мобилните тимови на Министерството за надворешни работи отидат во Кина за да ги сликаат за нов пасош нашите 12 државјани таму, ќе треба да бидат 30 дена во карантин и затоа најдовме друго решение - Министервото за внатрешни работи да го продложи рокот на важноста на пасошите до крајот на годината, со измена на Законот, за да можат граѓаните да ги искористат сегашните пасоши со изминат рок, информираше денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

МАКЕДОНИЈА - Стигна и од Ковакс механизмот информацијата дека ќе испочитуваат до крајот на првиот квартал, тоа значи до крајот на месец март да стигнат првите количини, веројатно меѓу 20-30 илјади вакцини, информираше денеска премиерот Зоран Заев и додаде дека 3000 вакцини, прва тура од руската вакцина Спутник V, ќе стасаат за неколку дена. Додаде дека има нова понуда и од производителот АстраЗенека.

БЕЛОРУСИЈА - Белорусија побара екстрадиција на опозициската лидерка Светлана Циханускаја, која е во егзил во Литванија. Циханускаја, која го предизвика автократот Александар Лукашенко на претседателските избори минатата година, останува во членката на Европската унија, Литванија, по интензивирањето на демонстрациите против Лукашенко, на што владата одговори со репресија. Протестите во Белорусија започнаа по претседателските избори на 9 август, на кои Лукашенко прогласи победа, што опозицијата ја отфрла, тврдејќи дека Лукашенко го поставил изборниот резултат. Литванија го одби барањето.

МАКЕДОНИЈА - Ако треба Бугарите ќе бидат споменати во Уставот како посебна етничка заедница, иако досега никој тоа не го побарал, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи и додаде дека Бугарите во Северна Македонија треба да се чувствуваат како апсолутно слободни граѓани.

МАКЕДОНИЈА - Три здруженија - Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата Сите за правично судење и Фондацијата Отворено општество Македонија - бараат темелна и брза истрага за институционалните пропусти околу недостапноста на органите за прогон на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

БЕЛГИЈА - Европратениците од Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент (ЕП) гласаа за извештајот за северна Македонија дека Европската унија (ЕУ) треба да покаже јасна политичка волја и да ја одржи првата меѓувладина конференција, што официјално ќе го означи почетокот на пристапните преговори, јави дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел, Ѓеракина Тухина.

МОЛДАВИЈА - Молдавија е првата европска земја што доби вакцини против коронавирус од глобалната програма Ковакс, соопшти денеска молдавската претседателка, Маја Санду.

УНГАРИЈА - Унгарската владејачка партија Фидес на Виктор Орбан разговара со конзервативните политички сили, вклучувајќи го и италијанскиот популист Матео Салвини, во барањето нова група во Европскиот парламент, изјави денеска премиерот Виктор Орбан. Во средата, Фидес ја напушти најголемата централно-десничарска политичка група во парламентот, откако фракцијата се насочи кон нејзино суспендирање поради лошите оценки за развојот на демократијата во земјата.

САД / БУГАРИЈА - Американски сенатори ја повикаа Бугарија да ги почитува демократските вредности и владеењето на правото додека се подготвува за парламентарни избори во следниот месец. Тие предупредуваат дека моменталната состојба во нејзините внатрешни работи претставува сериозен предизвик за билатералните односи.

САД - Девет мајмуни во зоолошка градина во Сан Диего, Калифорнија станаа првите нечовечки суштества во светот кои се вакцинирани против ковид-19. Официјални лица во зоолошката градина во Сан Диего на 5 март изјавија дека вакцината им била дадена во изминативе неколку недели. Животните добија по две дози на експериментална вакцина првично наменета за кучиња и мачки, информираа од Зоолошката.