Унгарија ги затвора продавниците и училиштата поради разгорување на епидемијата на коронавирус

Вакцинација во Унгарија

Унгарските власти денеска најавија дека ќе ги заострат рестриктивните мерки поврзани со пандемијата на коронавирус за да го ограничат порастот на бројот на починати и хоспитализирани од болеста.

Од понеделник на две недели ќе бидат затворени сите продавници, освен оние за храна, аптеките и бензинските пумпи. Забавиштата и основните училишта исто така ќе бидат затворени до 7 април.

Новите мерки се воведуваат откако бројот на заразени и починати од коронавирус во земјата се приближи до декемврискиот пик. Денеска, точно една година од првиот регистриран случај во земјата, во Унгарија има над 6200 нови случаи на коронавирус и 152 починати, што е најмногу од 23 декември.

Унгарија се надева дека со брзата програма за вакцинација ќе придонесе за намалување на бројот на заразени. Шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергељи Гуљаш рече дека Унгарија наредната недела ќе има највисока стапка на вакцинација во ЕУ.