Заев, Мицкоски и Стефан Немања

РУСИЈА - Судот во рускиот град Самара го прогласи активистот за граѓански права, Карим Јамадаев, за виновен, но потоа изјави дека треба да биде ослободен откако помина повеќе од една година во притвор за делото исмевање на рускиот претседател Владимир Путин и двајца негови блиски соработници на Интернет. На 4 март, Централниот окружен воен суд го прогласи Јамадаев за виновен за јавно поттикнување тероризам и навреда на властите и му нареди да плати казна од 300.000 рубли (4.000 УСД).

БУГАРИЈА - Бугарија најверојатно нема повторно да достигне бројки од 5.000 заразени лица дневно, коментира д-р Трифон Валков од Инфективната болница во Софија. Валков за Нова ТВ изјави дека лицата кои прележаа ковид-19 се многукратно повеќе од официјално пријавените. Реалната бројка на лица кои ја имале болеста е најмалку 2,5 милиони.

МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор за уште едно лице, за кое е поведена постапка за кривично дело – учество во толпа која ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

СРБИЈА - Комесарот за информации од јавен интерес ѝ изрече глоба на градската администрација во Белград за криење на цената на трошоците за изработка и поставување на споменик на Стефан Немања на плоштадот Сава, но казната не може да се изврши засега, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ), уметникот и писател Дејан Атанацковиќ, кој ги побара споменатите информации од градот Белград.

МАКЕДОНИЈА - Компанијата Фајзер во договорот што го достави денеска ги соопшти деталите за испорака на вакцините во текот на цела 2021 година. Производителот Фајзер-Бионтек во 2021 година на Република Северна Македонија ќе и испорача 800.280 дози вакцини. Според договорот, испораката на вакцините ќе се одвива во 4 квартали, а првата достава ќе се случи во месец март. Во договорот е наведено дека компанијата Фајзер-Бионтек овој месец во нашата земја ќе испорача 21.060 дози вакцини, соопшти денеска Министерството за здравство.

КОСОВО - Централната изборна комисија на Косово (ЦИК), денеска, 4 март, ги објави конечните резултати од парламентарните избори, според кои Движењето Самоопределување на Албин Курти извојува победа, односно освои 58 од вкупно 120 места на Косовско собрание.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска апелираше до граѓаните, особено до родителите, како што велат, да обрнат внимание на активностите на своите деца на социјалните мрежи. Оваа реакција на МВР следува по предупредувањето од Интерпол за појава на видеа со повици за самоповредување, објавени на мрежата Тик-Ток.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека премиерот Зоран Заев вчера ја искористил неговата изолација бидејќи е ковид позитивен и со гласањето за доверба на Владата во Собранието само си купил броени денови за неговата Владата.

БУГАРИЈА - Илјада страници со 45.752 имиња содржи документацијата за најнаселениот дел во Бугарија, објави денеска бугарската агенција БГНЕС. Тоа е населбата Средец во Софија. Сите овие илјадници странци имаат истата адреса - улица Леге број 6 во главниот град Софија, каде се наоѓа администрацијата на Средец, потврдил за БГНЕС градоначалникот на областа, Трајчо Трајков. Тоа се лица кои имаат бугарски пасоши, а живеат во странство. Најголемиот дел од тие лица имаат презиме кое има македонски завршеток, пишува БГНЕС.

ГЕРМАНИЈА - Германската разузнавачка агенција ја стави под надзор целата опозициска партија Алтернатива за Германија поради сомневања дека работи од позиции на екстремната десница, објавија германските медиуми.

САД - Полициските сили кои го чуваат американскиот Капитол соопштија дека добиле разузнавачки информации што укажуваат на можен заговор од страна на милитантна група за напад врз Капитол на 4 март.