Најмалку 38 убиени во протестите во Мјанмар

Претставникот на ОН за Мјанмар, Кристин Шранер Бургенер, го опиша 3 март како „најкрвавиот ден“ од воениот удар

Најмалку 38 лица беа убиени во Мјанмар во насилни акции за разбивање на протестите против новоинсталираната воена хунта. Претставникот на ОН за Мјанмар, Кристин Шранер Бургенер, го опиша 3 март како „најкрвавиот ден“ од воениот удар, додавајќи дека повеќе од 50 лица починале во изминатиот месец. Многу повеќе се ранети. Сведоците и видеата покажаа дека полицијата употребила солзавец, гумени куршуми и боева муниција за да ги растера демонстрантите во неколку градови. Мјанмар минува низ секојдневни протести откако војската на 1 февруари стави крај на деценискиот експеримент на нацијата со демократијата.

Жестоки судири на демонстранти со полиција по пучот во Мјанмар

Лидерите на државен удар ја соборија избраната влада и го притворија де факто лидерот на земјата, Аунг Сан Су Ќи и другите членови на нејзината партија. Стотици луѓе се уапсени, вклучително и најмалку шест новинари. Пучот предизвика меѓународни критики и притисок, вклучително и западни санкции кон водачите на хунтата. Британија повика на состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации на 5 март, на кој ќе се разговара за Мјанмар. Соединетите држави соопштија дека размислуваат за натамошно постапување против хунтата, додека Европската унија соопшти дека стрелањето врз невооружени цивили претставува јасно кршење на меѓународното право.