Симовски: На сите пописи од 1948 наваму има код за бугарска етничка припадност

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски

Од 1948 година па наваму, во сите пописи, имало код за бугарска етничка припадност. Имаме податоци во однос на таа етничка припадност и ќе има и понатаму. Кој како ќе се произнесе е исклучиво негово право и ние не смееме да влијаеме, изјави за МИА, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Изјавата на Симовски следува откако денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи напиша на Фејсбук дека претставниците на бугарските здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница.

Симовски појаснува дека полето во кое се впишува етничката припадност во формуларите за попис е празно. Во електронската апликација откако ќе се впишат првите три букви на припадноста, се појавува поле за избор на етничка припадност од кодната листа на сите етнички припадности кои досега се регистрирани на сите пописи кај нас. Тој нагласи дека во пописот, кој официјално ќе почне на 1 април, а ќе трае до 21 април, секој слободно може да се изјасни за својата етничка припадност.

Сите овие реакции следуваат по состанокот на бугарскиот претседател Румен Радев со шефовите на бугарските безбедносни служби од кои тој побарал мерки за заштита на Бугарите во Македонија, по наводни жалби од битолското здружени „Иавн Михајлов“ дека во Македонија имсе кршат правата на Бугарите за национално самоопределување. На тоа реагираа македонските власти дека нема кршење на ничии права, а потегот на Радев го оценија како мешање во туѓа земја.