Милошоски го обвини Филипче за „коруптографија“

Антонијо Милошоски

Еве една задача денес за делување на истражните органи и на самите таканаречени борци против корупција. Набавката за томографија се претвора во нова афера наречена коруптографија на министерот за здравство Вено Филипче, а се однесува на болниците во Кавадарци и Гевгелија, обвини денеска Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Додека трае драмата за набавка на вакцини, зад завесата се случува уште еден сомнителен тендер овој пат со набавка на томографи за потребите на двете споменати болници Кавадарци и Гевгелија. Она што е драматично воочливо е што се поништува првиот пат јавната набавка на томографи, се елиминира конкуренцијата од преостанатите 7 фирми преку нарачана интервенција на Управата на Бирото за јавни набавки и двете набавки ги добива само една фирма. Разликата е во тоа што првиот пат цената на чинење на тендерите за два томографи е 21 милион денари, а по поништувањето вториот пат тендерот чини со томографите и составните елементи 36 милиони денари. Односно 15 милиони денари повеќе за истите томографи, за истата набавка, но овој пат само со една фирма во игра која што го добива монополот“, рече денеска Милошоски.

Според него, „тоа покажува дека во здравството нема вакцини, но има големи сомнежи за корупција, и набавката на томографи во Кавадарци и Гевгелија е со еден од показателите дека корупцијата во здравството игра значајна улога“.

Владата најави „широк фронт за конечно средување на земјата“ со дигитализација, инвестиции во делот на инспекторатите, транспарентност на институциите, особено општините, реформи во администрација, во јавните набавки. Во најавата посочија дека планот го правеле со помош на невладиниот сектор. Македонија годинава е најлошо рангирана досега на индексот за корупција на Транспаренси Интеренешнл со пад од 5 места на 111 место во друштво на БиХ, Панама и Монголија. Земјава заедно со БиХ се на дното во регионот според перцепцијата за корупција.

По овие обвинувања, реагираше Министерството за здравство од каде велат дека постапката за набавка на компјутерски томографи не е завршена, процесот е во фаза на евалуација.

„Врз основа на повторната евалуација направена врз основа на препораките од записникот од управна контрола, беше изготвен извештај од спроведена постапка и врз основа на истиот одговорното лице донесе одлука за избор, врз основа на што од страна на три понудувачи беше поднесена жалба. Од страна на Државната комисија за жалби по јавните набавки беа донесени решенија со кои постапката ја враќаат на повторна евалуација. Повторната евалуација на понудите се уште е во тек и од страна на Министерството за здравство нема донесено никаква одлука за избор или поништување, што значи постапката се уште не е завршена, односно е во тек“, стои во демантот од Министерството за здравство.