Кукавици и фаворити

МАКЕДОНИЈА - Директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, денеска информираше дека за притвореникот Сашо Мијалков, кој се наоѓа во истражниот затвор Скопје до правосилноста на пресудата за предметот Таргет-Тврдина, има направено посебен безбедносен план за да не дојде до каков било инцидент.

ФРАНЦИЈА - Францускиот суд му изрече тригодишна казна на поранешниот претседател Никола Саркози, откако го прогласи за виновен за корупција и за тргување со влијание. Пресудата вклучува една година затвор и уште две години условна казна. Пензионираниот политичар, кој го негираше обвинението има рок од 10 дена да се жали на пресудата.

ЕРМЕНИЈА - Ерменскиот премиер Никол Пашинијан денеска рече дека е подготвен да одржи предвремени парламентарни избори под услов опозицијата да се согласи на одредени услови. Политичките тензии во Ерменија се високи, при што приврзаниците на Пашинијан и опозицијата организираат масовни митинзи на одделни места во главниот град. Пашинијан се соочува со тековната политичка криза откако армијата побара тој да се повлече од функцијата минатата недела, потег за кој рече дека е обид за пуч.

РУСИЈА - Експерти за човекови права на ОН побараа меѓународна истрага за труењето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, велејќи дека доказите укажуваат на „многу веројатната вмешаност“ на претставници на руската влада.

АЛБАНИЈА - Албанскиот премиерот Еди Рама денеска на прес-конференција во Брисел изјави дека кога дознал дека идентитетските прашања се покренати во процесот на преговори за Северна Македонија, тој бил ужаснат.

МАКЕДОНИЈА - Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски денеска изјави дека по пописот најважно е да има доволно точни, навремени и квалитетни информации, што ќе придонесе за развој и во моментот најмалку се размислува за санкции.

македонија - Чудна работа, плукачи колку сакаш. А досега ниту еден патриотски новинар или тандем на новинари не ме покани да ме распарчи во јавна дебата. А, со задоволство би прифатил и доктор на науки по историја. Па, еве ви кукавици, отворена понуда за дуел, напиша денеска на Фејсбук поранешниот премиер и aктуелен лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, откако предизвика бурни политички реакции со неговиот предлог-акциски план кој пред два дена го предложи за надминување на спорот со Бугарија.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), Љупчо Коцарев, по денешните реакции на неговата вчерашна изјава за укинување на Катедрата за македонски јазик, денеска изјави дека изнесените мислења биле само негов личен став и дека му е драго дека немало намери за такво нешто.

БЕЛГИЈА - Европската комисија во март ќе претстави предлог за креирање пасош за дигитална вакцинација во рамките на Европската унија, рече денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, пренесува Ројтерс.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува овие денови да има информација од Кина кога ќе почне утоварот на вакцините за Македонија и објаснуваше зошто е повлечен авансот за вакцините од Синофарм. Според него, никаде во светот никој не може со точност да каже кога кој тип на вакцина ќе пристигне, а за авансот за кинеските вакцини рече дека е повлечен затоа што се чекала потврда од Министерството за надворешни работи на Кина. Во пресрет на локалните избори, пак, рече дека негов фаворит за градоначалник на Скопје е Петре Шилегов.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - Федерацијата БиХ денеска го прослави Денот на независноста на БиХ, но не се славеше во Република Српска, затоа што таму се смета дека на референдум за иднината на БиХ што се одржа на тој ден во 1992 година, бил вовед во четиригодишна војна.