Рама: Лидерите на Северна Македонија и Бугарија да најдат начин сами да се договорат

Албанскиот премиер Еди Рама

Албанскиот премиерот Еди Рама денеска на прес-конференција во Брисел изјави дека кога дознал дека идентитетските прашања се покренати во процесот на преговори за Северна Македонија, тој бил „ужаснат“.

„Ова е најлошата можна дискусија кога е потребен консензус за постигнување на следниот чекор, затоа што е комплицирано, затоа што е емотивно и се надеваме дека мудрите лидери на Северна Македонија и Бугарија, ќе го решат ова сами и се надевам дека нема да чекаат некое волшебно стапче од Берлин, Лондон или од каде било, затоа што тоа нема да се случи. Треба да најдат начин сами да се договорат“, рече Рама кој учествуваше на редовниот годишен Совет за стабилизација и асоцијација со Албанија.

Според него, минатото треба да им се остави на академиците, граѓанското општество и експертите и за тоа нема место во дневната политика. Тој изрази надеж дека нема да дојде до одвојување на Северна Македонија и Албанија, односно одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

„Минатото е процес кој може да ја зароби Северна Македонија, не дај Боже, за којзнае колку време, но ако треба да ве чекаме и да бидеме трпеливи, ќе ве чекаме како наши соседи и ќе трпиме“, изјави Рама.

Редовниот состанок за стабилизација и асоцијација со Северна Македонија, кој требаше да се одржи на крајот на февруари, беше одложен. Еврокомесарот Оливер Вархеји порача дека тоа нема никаква поврзаност со Бугарија и дека и состанокот со Албанија требало да се одржи во ноември.

Вархеји, порача дека Албанија ги исполнува сите ветувања и заложби и покрај вонредните услови во кои се наоѓа, пандемијата од ковид-19 и земјотресот што ја погоди земјата претходно.