Љубчо Георгиевски по реакциите за акцискиот план: Кукавици, викнете ме на дуел

Статус на Љубчо Георгиевски на Фејсбук по реакциите за неговиот предлог-акциски план за решавање на спорот со Бугарија

Чудна работа, плукачи колку сакаш. А досега ниту еден патриотски новинар или тандем на новинари не ме покани да ме распарчи во јавна дебата. А, со задоволство би прифатил и доктор на науки по историја. Па, еве ви кукавици, отворена понуда за дуел, напиша денеска на Фејсбук поранешниот премиер и aктуелен лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, откако предизвика бурни политички реакции со неговиот предлог-акциски план кој пред два дена го предложи за надминување на спорот со Бугарија.

Георгиевски во саботата понуди план за решавање на спорот со Бугарија, а според тој план, составен од пет точки, потребно е да ѝ се дадат гаранции на Бугарија дека земјава нема апсирации кон Источна Македонија, а предложи и промена на стратегијата за историјата и конечно, како што вели, решавање на проблемот со јазикот.

На неговиот предлог реагираа ид од власта и од опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ, изјавија дека „акцискиот план на Георгиевски е пробен балон кој премиерот Зоран Заев го пушта преку неговиот коалициски партнер“. Премиерот Заев, пак, денеска изјави дека се слушнал со Георгиевски и дека лидерот на ВМРО-НП му кажал дека е тоа негов став, а Заев му рекол „дека тоа не е став ни на нивната коалиција, ниту на Владата“.

Вчера од Бугарија пристигнаа честитки за „храброста на Георгиевски“.