ВМРО-ДПМНЕ: Братот на Николовски не издава фискални сметки

Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека братот на Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски не издава фискални сметки, односно наплаќа во кеш со „каса прими“. Портпаролот Димче Арсовски обвинува дека фирмата на братот на Николовски врши криминал и нелегално зема готовина.


„Доколку било кој друг граѓанин беше на местото на братот на Љупчо Николовски, првин ќе добиеше глоба од 5000 евра, а потоа ќе имаше и постапки против него од страна на УЈП. И така човекот глава немаше да крене од инспекции и казни, но кога се работи за личните бизниси на врвот на СДСМ, вклучително тука за вториот човек во СДСМ и во власта, закон не важи, важно е само да се прават пари“вели Арсовски.


ВМРО-ДПМНЕ ги повикува УЈП и Државната комисија за спречување на корупција да преземат мерки.
„Каде се пропустите, и дали Љупчо Николовски влијаел со својата функција за неговиот брат да може непречено да работи нелегално, спротивно на законот?“ прашува Арсовски.


Опозицијата бара оставка од Николовски од позицијата вицепремиер за борба против корупцијата, како институциите непречено без страв од него и неговата позиција и влијание и моќта која му ја пружа позицијата ќе го истражат случајот.

Во реакцијата на СДСМ се вели дека на ВМРО-ДПМНЕ им пречи тоа што Николовски бил, како што велат, сериозно посветен на борбата против корупцијата на сите нивоа и затоа им бил цел на лажни вести и неосновани напади.

„Ниту Николовски, ниту неговиот брат, ниту кој било член на неговото семејство нема ниту добиено, а најмалку злоупотребено ниту еден денар од државата,како што лаже опозициската ВМРО-ДПМНЕ Додека Николовски, Владата, СДСМ остануваат посветени на ред, правда и дисциплина, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се посветени на одбрана на криминал и корупција во своите редови. Затоа се опозиција и затоа уште долго ќе останат таму“ се вели во писмената реакција на СДСМ.