Над 100 илјади луѓе во земјава се заразија со ковид-19 за една година

Ковид-19 амбуланта во Скопје

Денеска се одбележува една година откако во земјава беше регистриран првиот случај на пациент заболен со коронавирусот. Министерот Венко Филипче во видео порака им се заблагодари на здравствените работници и вели дека тие заслужуваат почит и благодарост. Тој додава дека смета оти во изминатава година здравствениот систем покажл дека има сили знаење и искуство да се справи со најголемиот здравствен предизвик.
Филипче изјави дека набавката на вакицните е наголемиот предизвик за сите земји од светот и дека околу 130 земји се уште го немаат почнато процесот на имунизација.
„Како Влада даваме максимални напори да обезбедиме вакцини што поскоро и доволно за сите граѓани, за што барам трпение и разбирање од сите. Ние успеавме да ја започнеме вакцинацијата на здравствените работници, а многу брзо ќе ја почнеме и вакцинацијата на сите граѓани“ вели тој.

Филипче:Ќе доцнат кинеските вакцини


Од најавуваните три механизми, засега во земјава се стигнати само вакцините „Фајзер“ што ни ги отстапи Србија и се наменети за медицинскиот кадар ангажиран за ковид-пациентите. Нивната имунизација почна пред десет дена, а за помасовна се чекаат пратките од кинескиот „Синофарм“ и вакцините од „Фајзер“ од договорот склучен со овој производител. Дотогаш граѓаните може да пријавуваат само интерес за примање вакцина, на веб-страницата вакцинација.мк и кај матичните лекари.

За една година во земјава беа дијагостицирани 101 762 заболени од ковид-19. Првиот случај беше откриен на 26 февруари, а со тоа и беше означен почетокот на епидемијата. До сега се евидентирани 90 895 оздравени пациенти од коронавирусот, додека од последиците од овој вирус во земјава починаа 3119 пациенти. Од почетокот на годината до сега се направени 516 169 тестирања за КОВИД-19.