МНР: Палењето на возилото на нашиот конзулат во Солун нема да влијае на добрососедството

Зградата на Министерство за надворешни работи

Македонското Министерство за надворешни работи (МНР) информираше дека е во редовна комуникација со македонскиот Генерален конзулат на земјава во Солун и со надлежните институции на Грција, во врска со вчерашниот инцидент во кој на вандалски начин беше опожарено возило од нашиот Конзулат.

Претходно грчките медиуми, повикувајќи се на информација на новинската агенција АНА-МПА, јавија дека „возило на македонскиот конзулат во Солун било запалено вчера рано наутро и дека инцидентот се случил во 5.30 часот кога врз возилото паркирано пред конзулатот во центарот на Солун бил фрлен „запаллив материјал“, а потоа бил запален.

„Нашиот Конзулат е известен дека грчките власти направиле соодветен увид и ги преземаат сите потребни мерки и активности за пронаоѓање на сторителите и евентуалните мотиви на овој немил случај, како и дека покрај возилото на нашиот дипломат, во истиот период, било запалено и второ возило на различно место во градот. Исто така, веруваме дека овој вандалски акт на ниту еден начин нема да влијание врз одличните добрососедските односи меѓу двете пријателски земји“, пишува во соопштението на МНР.

Од Министерството додаваат дека двата случаи се предмет на истрага, со цел да се откријат извршителите и мотивите, за кои оценуваат дека на ниту еден начин не се насочени против нашата држава.