Пратеници, вакцини и една зоља

МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО), денеска, до Основниот кривичен суд - Скопје, достави Обвинителен акт против три лица од Куманово кои ги товари за тероризам. Според Обвинитеството, тројцата обвинети организирале ќелија по идеолошка матрица на ИСИС, купувале оруже, подготвувале терористички акти, а тестирале и ракетен фрлач зоља во месноста Менкова Колиба, во близина на Куманово.

ЦРНА ГОРА - Пакет од 5 илјади дози на руската вакцина Спутник V пристигна денеска на аеродромот во Подгорица. Приемот на вакцините го изврши министерката за здравство Јелена Боровиниќ Бојовиќ. Тоа е првата испорака од 50 илјади дози кои црногорската Влада ги обезбеди преку билатерални преговори. Во владиното соошштение е наведено дека во наредните неколку дена треба да пристигнат и 30 илјади дози од кинеска вакцина Синофарм кои се донација.

МАКЕДОНИЈА - Кинеските вакцини нема да пристигнат во најавениот рок до крајот на месецов. Министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање посочи дека набавката на 200 илјади вакцини од Кина ќе доцни и дека во моментов нема точна информација кога би пристигнале во земјава. Вели, продолжуваат со комуникација за набавката.

ГЕРМАНИЈА - Германските обвинители денеска соопштија дека поднеле обвиненија за шпионажа против Германец, осомничен за пренесување податоци од Парламентот на руските тајни служби. Осомничениот, именуван само како Јенс Ф., работел за компанија што била договорена од Бундестагот за редовно вршење проверки на електричната опрема во парламентот, јави АФП.

ИНДИЈА / ПАКИСТАН - Индиската и пакистанската армија, во заедничко соопштение, наведуваат дека постигнале договор за почитување на примирјето по спорната граница во Кашмир, пренесува Ројтерс. Индија и Пакистан потпишаа договор за прекин на огнот долж Контролната линија на Кашмир во 2003 година, но примирјето беше нарушено во последните неколку години и бројот на жртви меѓу локалното население во близина на границата се зголемува.

БУГАРИЈА - ЕУ не работи како Југославија, таа работи поинаку и ние ѝ зборуваме за тоа на Република Северна Македонија од 2019 година, рече денеска бугарската министерка Екатерина Захариева во изјавата за БНТ, еден ден по средбата за Акцискиот план со министерот Бујар Османи. Таа додаде дека Македонија мора да ги исполни сите услови ако сака во ЕУ и дека Софија нема да подлегне на ничии притисоци, па дури ни од САД.

ЕРМЕНИЈА - Ерменскиот премиер Никол Пашинин денеска предупреди на обид за воен удар против него, откако армијата преку соопштение побара оставка од него и неговата влада. Пашинијан се соочи со протести и повици за оставка по, како што велат неговите критичари, погубното справување со шестнеделниот конфликт меѓу Азербејџан и етничките ерменски сили во регионот на Нагорно Карабах во минатата година. Пашијан ги отфрли повиците да се повлече. Тој денеска ги повика своите следбеници да се соберат во центарот на Ереван за да го поддржат и се огласи на Фејсбук за да ѝ се обрати на нацијата во живо. Тој исто така го разреши шефот на Генералштабот на вооружените сили.

ИЗРАЕЛ - Израелскиот парламент, Кнесетот, усвои контроверзен закон што му овозможува на Министерството за здравство да им обезбеди на локалните власти информации за жители кои сè уште не биле вакцинирани против коронавирус. Врз основа на тој закон во период од три месеци, Министерството за здравство ќе може да им обезбеди на локалните власти и Министерството за образование лични информации, како и информации за тоа како може да се контактираат граѓаните за да се промовира имунизацијата.

САД - Претседателот на САД Џо Бајден, го поништи прогласот издаден од поранешниот претседател Доналд Трамп, со кој се блокира влегувањето на многу апликанти за зелени картони во САД. Трамп ја издаде забраната во минатата година, велејќи дека е неопходно да се заштитат американските работници во услови на голема невработеност поради пандемијата на коронавирусот. Забраната првично требаше да трае до крајот на 2020 година, но Трамп ја продолжи до крајот на март во последните недели од неговиот мандат

БЕЛГИЈА - Денеска и утре членовите на Европскиот совет ќе се состанат преку видео конференција за да разговараат за моменталната состојба на пандемијата со ковид-19, безбедноста и односите со Јужното соседство на Унијата.