Филипче: Можни се нови рестрикции, но засега нема да има

Венко Филипче

По растот на бројот на ковид случаи во последните денови, министерот за здравство, Венко Филипче, денеска изјави дека „дефинитивно е можно воведување рестрикции, но засега не. Вчера 21 отсто од тестираните биле позитивни, односно 725 луѓе, а се полнат и болничките капацитети, поради што вчера имаше 410 слободни места во Ковид-центрите.

„Навистина има зголемување кај бројката на новозаболени. Во МАНУ траат испитувањата, но вчера разговарав со лабораторијата во ‘Жан Митрев’, и таму кај 70 отсто од примероците е детектиран британскиот сој на вирусот, за кој се покажа дека побрзо се шири. Што се однесува до болничките капацитети, има места и во секој момент е спремен персоналот и за ротации. Ја следиме ситуацијата да не дојде до степен да го загрози здравствениот систем“, рече министерот денеска на промовирањето на донација за Здравствен дом Скопје.

Филипче информираше и дека на синоќешната владина седница е усвоен нацрт-договорот за набавка на 100.00 дози од руската вакцина „спутник“, a деновиве ќе се очекува да стигне одговор кога би стигнале кинеските вакцини и вакцините на „Фајзер“. На новинарско прашање на што се должи слабата заинтересираност кај повозрасната популација за вакцинација, Филипче кажа дека се регистрирани 180 илјади лица над 70 години и хронични болести, и дека од нив, 50 илјади се пријавиле преку Мој термин или преку матичните лекари, како и дека се планираат други механизми за промоција на ефектите од имунизацијата.