Утре нов ЕУ самит за ковид-19

Илустрација - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен со заштитна маска

Шефовите на држави и влади на Европската унија (ЕУ), утре и задутре, ќе одржат нов самит за состојбата со коронавирусот во Европа, ќе се разговара меѓу другото за вакцинацијата и за сертификатите за Ковид-19 за патување, јави МИА од Брисел. Лидерите на ЕУ се состануваат секој месец речиси откако започна кризата со Ковид-19 за да се обидат да воведат подобра меѓусебна координација во однос на слободата на движење, вакцинацијата и подготовките за олеснување на рестрикциите на пролет и лето.

Состанокот ќе биде преку видеоконференција. В четврток, лидерите ќе разговараат за епидемиолошката состојба во нивните земји, и ќе дебатираат за мерките кои ги донеле. Европската Комисија веќе изрази незадоволство со некои од мерките во земјите членки како затворањето на границите, и дипломатите очекуваат остри дебати и на утрешниот самит на оваа тема.

На крајот на состанокот се очекува шефовите на држави и влади да испратат ново предупредување до фармацевтските компании за почитување на преземените обврски за испорака на вакцини до земјите членки на ЕУ и барање да се забрза производството. Ќе стане збор и за солидарноста со третите земји.