Од Мијалков до Навални, од Фетаи до Камала

МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Ние, реално, според моите проценки, ја имаме шансата да го направиме првиот пробив по изборите во Бугарија, значи мај, јуни. Потоа се влегува во предкампања – кај нас се локалните, но и во Бугарија има други избори тоа се претседателските. Ако не успееме во овие два месеца, потоа другата шанса ни е во ноември, декември, изјави денеска специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија, Владо Бучковски, чиј мандат е до 1 декември оваа година.

МАКЕДОНИЈА - Обвинителката Фатиме Фетаи, која заедно со обвинителот Гаврил Бубевски го застапуваа обвинението за случајот Монструм, денеска, по изрекувањето на пресудите, побараа определување на мерка притвор за неправосилно осудените Хаки и Фејзи Азири поради опасност од бегство. Тројца од обвинетите добија доживотен затор, еден 15 години, еден 9 години и еден обвинет беше ослободен.

МАКЕДОНИЈА - Нашите сознанија се дека Сашо Мијалков е се уште во Македонија, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата за бегството на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Два часа по оваа изјава на Спасовски, Мијалков се јави во Обвинителството, го прими решението за притвор и беше спроведен на издржување на мерката.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот премиер, Борис Џонсон, денеска изјави дека е голем оптимист дека сите ограничувања против Ковид-19 во Британија ќе завршат до 21 јуни, додавајќи дека британската Влада ќе изврши ревизија на сертификатите за вакцини

МАКЕДОНИЈА - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес конференција побара од сите партии во парламентот да изгласаат недоверба на Владата, по бегството на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, обвинет за нелегално прислушување на илјадници граѓани. Мијалков два часа по оваа изјава се јави во Обвинителството и беше спроведен со полиција на издржување на мерката домашен притвор.

АВГАНИСТАН - Мировните разговори меѓу талибанците и авганистанската влада се обновени во Катар по повеќе од еден месец доцнење поради ескалацијата на насилството во земјата зафатена со војна, бидејќи Обединетите нации (ОН) повторно повикаа на итен прекин на огнот за да се спречат цивилните жртви.

ФРАНЦИЈА - Француската министерка за труд Елизабет Борн денеска изјави дека е најважно компаниите да го зголемат работењето од дома, со цел да се избегне ново заклучување на земјата во борбата против ширењето на коронавирусот.

ИРАК / САД - Соединетите држави предупредија дека ќе го сметаат Иран одговорен за нападите во Ирак, објави Стејт департментот. Ние ќе го сметаме Иран одговорен за постапките на неговите соработници кои ги напаѓаат Американците во Ирак, рече портпаролот Нед Прајс, додавајќи дека американските власти ќе избегнат поттикнување тензии што ќе бидат од корист за Иран.

САД - Со минута молк и со запалени 500 свеќи на скалите на Белата куќа, претседателот Џо Бајден и првата дама Џил Бајден, потпретседателот Камала Харис и нејзиниот сопруг им оддадоа почит на 500.000 Американци кои починале од вирусот корона.

МЈАНМАР / БУРМА - Шефот на ОН, Антонио Гутереш ја осуди, како што рече, бруталната сила, што ја користат оние што стојат зад пучот на Мјанмар и ја повика војската веднаш да ја запре репресијата и да ги ослободи затворениците, додека протестите продолжуваа во земјата.

ГРУЗИЈА - Грузиската полиција упадна во партиските канцеларии на опозицискиот лидер Ника Мелиа и го уапси рано изутрината. Апсењето уследи неколку дена откако премиерот Георѓи Гахарија поднесе оставка по несогласувањето околу тоа дали да се приведе познатиот политичар во притвор.

РУСИЈА / БЕЛГИЈА - Руското Министерство за надворешни работи вечерва изрази разочарување од одлуката на Европската унија да воведе санкции за руските функционери одговорни за третманот на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални и неговите приврзаници.