Бегање, вакцинирање, протестирање...

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин и Александар Лукашенко денеска започнаа директни преговори во Сочи во момент кога двајцата политичари се соочуваат со масовни протести во своите земји и се поголем притисок од Западот.

МАКЕДОНИЈА - МВР распиша потерница по поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и го бараше на поголем број локации во Скопје. Обвинителството соопшти дека има сомнеж дека некој му помогнал да избега, премиерот Зоран Заев рече дека е разочаран што Мијалков избегал, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски побара оставка од Владата, а претседателот на државата, Стево Пендаровски, изјави дека заради случувањата со Мијалков, мора да има одговорност.

ПАКИСТАН - Осомничени милитанти направиле заседа на возило со четири жени активистки од невладина организација во северозападниот регион на Пакистан, кој се граничи со Авганистан, при што сите ги убиле, а возачот го раниле.

САД - Американскиот мултимилијардер и основач на Мајкрософт, Бил Гејтс, најави дека во следните пет години планира да вложи 2 милијарди долари во борбата против климатските промени.

КОСОВО - Централната изборна Комисија на Косово (ЦИК) одлучи денеска да се повтори броењето на гласовите во 494 избирачки места на кои се гласаше на вонредните парламентарни избори на 14 февруари, јави МИА од Приштина.

СРБИЈА - Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави дека со денешната пратка од 46.800 вакцини од компанијата Фајзер, а пратката од 50.000 вакцини на Спутник, што утрово пристигнала во Белгради, во Србија досега се испорачани вкупно два милиона вакцини, јави допсиникот на МИА од Белград.

ДР КОНГО - Во напад извршен врз конвој на Обединетите нации денеска загина амбасадорот на Италија во ДР Конго. Нападот се случил во градот Гома, главен град на провинцијата Северен Киву и пограничен град со соседна Руанда. Целта на напаѓачите била да ги киднапираат дипломатите, а откако не успеале во намерата отвориле оган. На лице место загинале две лица, италијанскиот амбасадор Лука Атаназио и еден припадник на Карабинерите.

ШВАЈЦАРИЈА - Директорот на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, изјави дека епидемијата на Ковид-19 ќе заврши на почетокот на 2022 година. Во интервју за данската државна телевизија ДР, Клуге истакна дека и 2021. ќе биде година на Ковид-19, но година во која ќе биде многу полесно да се справуваме со епидемијата во споредба со 2020 година.

МЈАНМАР / БУРМА - Демонстрантите и денеска се собраа на улиците во Јангон во Мјанмар и покрај заканите од хунтата дека ќе употребат сила доколку луѓето одговорат на повикот за генерален штрајк. Повеќе од 1.000 демонстранти се собраа околу американската амбасада во Јангон, а недалеку од таму беа распоредени 20 воени камиони, во кои се членови на полицијата за немири.

АЛЖИР - Алжирскиот претседател Абделмаџид Тебун го распушти долниот дом на парламентот, отворајќи го патот за предвремени парламентарни избори, објави националната телевизија. Тебун потпиша указ за распуштање на парламентот, чиј мандат требаше да истече во 2022 година.