Заев во „Титаник“: Преку државни институции вршеа притисок да се гласа за ВМРО-ДПМНЕ

Илустрација - Зоран Заев во судница

Премиерот Зоран Заев, денеска, во својство на сведок, пред Судот даде изјава за неговите сознанија за изборните нерегуларности во 2014 година, предмет познат како „Титаник“.

„Центрите за социјална помош беа злоупотребени, тие шетаа со списоци од примателите на социјална помош и им се закануваа дека доколку не гласаат за партијата на власт социјалната помош ќе им биде прекината. Шумската полиција правеше притисок на луѓето кои имаа договори за сеча дека доколку не гласат за ВМРО-ДПМНЕ, договорите за сеча ќе им бидат укинати“, изјави сведокот Заев денеска во Кривичниот суд.

Тој кажа и дека сите нивни реакции се достапни на интернет, како и дека „УЈП, Пазарна инспекција, Финансиска полиција и други вршеле притисок врз правните субјекти за да докажат дека гласале за ВМРО-ДПМНЕ“. Премиерот додаде дека за сите тие забелешки на тогашната опозиција го информирал тогашниот претседател на владата Никола Груевски, кој инаку е и обвинет во случајот „Титаник”, но, според денешниот исказ на Заев, тој јавно не реагирал.

На прашање на одбраната дали ги пријавиле наведените случаи, Заев одговори дека околу 150 пријави во тоа време ги доставиле до надлежните институции, ДИК, обвинителства, министерства..., но, како што рече, „никој ниту постапил, ниту реагирал по однос на тие пријави“.

„Единствените договарања што ги имав со тогашниот претседател на Владата, Никола Груевски, беа за измени на Изборниот законик“, изјави Заев како сведок.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.