Народна банка - Домашната валута и понатаму ќе остане стабилна

Банкноти по 1000 денари

Вредноста на домашната валута и понатаму ќе остане стабилна и за тоа не треба да има никакви дилеми, вели вицегувернерот на Народна банка Фадил Бајрами.

„Сегашното, високо ниво на девизни резерви, како и плановите и проекциите за нивното движење во натамошниот период, се цврста гаранција за стабилноста на денарот. Кога станува збор за вредноста на домашната валута, не треба да има никакви дилеми дека таа и понатаму ќе остане стабилна“, вели Бајрами во интервју за МИА

Во однос на тоа што очекуваат оваа година и дали има простор за поддршка на економијата во справување со предизвиците од пандемијата, Бајрами посочува дека постојано се следат состојбите и дека доколку е потребно ќе се изврши соодветно приспособување на монетарната поставеност.

Тој напоменува дека ефектите од преземените мерки од почетокот на пандемијата потврдуваат дека Централната банка во рамки на своите надлежности обезбедиле соодветна поддршка за економијата и граѓаните полесно да го пребродат шокот и предизвиците што ги наметна пандемијата.

За финансискиот систем Бајрами наведува дека го издржа и соодветно одговори на ударот од кризата во 2020 година и дека тој има капацитет да се справува со натамошни предизвици и воедно да биде движечка сила за заздравување на економијата што ќе следува по периодот на неизвесност предизвикана од пандемијата.

Вицегувернерот смета дека вакцинацијата ќе има ефект врз глобалната економија, а во тие рамки и врз домашната.

„ Конкретно, вакцинацијата може да претставува позитивен сигнал што ќе ги поттикне оптимистичките прогнози и со тоа да придонесе економското закрепнување да се одвива и побрзо отколку што првично се очекуваше. Но, сепак се уште е рано да се прејудицираат такви ефекти, дури не се добие појасна слика за здравствените ефекти од вакцинацијата врз интензитетот на пандемијата, наведува Бајрами.