Брнз: прашањата со Бугарија да останат надвор од преговорите со ЕУ

Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Брнз

Кога станува збор за напредокот во Европската унија ние сме многу разочарани што Бугарија одлучи да го блокира почетокот на преговорите. Во повеќе наврати го кажавме тоа. Сепак, го гледаме како позитивен знак тоа што Северна Македонија и Бугарија продолжуваат да расправаат за билатералните прашања да се стават надвор од процесот со цел напредок во тој поглед. Ние и понатаму ќе се залагаме и ќе даваме поддршка во насока тие прашања да останат настрана од процесот на пристапни преговори, бидејќи тоа ќе овозможи напредок, вели американската амбасадорка, Кејт Брнз.

Во гостувањето на „Само интервју“, Брнз истакна дека решението на билатералните прашања ќе се постигне со билатерален дијалог.

„Мора на тој начин. И понатаму ќе се залагаме, ќе се бориме и ќе ја поддржуваме Северна Македонија да ги почне преговорите за ЕУ, ќе продолжиме да застапуваме билатералните прашања да бидат надвор од преговорите”, рече амбасадорката.

Таа оцени дека бугарското вето нанесува штета на повеќе нивоа, меѓу другото, предизвика и сомнеж кај народот во кредибилитетот на ЕУ и нејзината посветеност кон проширување.

„Мислам дека тоа ја отвори вратата за дезинформации. Затоа е важно тоа да не се дозволи. Поважно е да се има на ум дека што и да се случи, најважните односи за земјава се со ЕУ и НАТО и ништо нема да ги замени“, посочи Брнз.
САД, додаде, но и Бугарија, долго време се залагаа за интеграција на Западниот Балкан и во НАТО и во ЕУ.

Американската амбасодорка зборувајќи за извештајот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл, на кој земјава беше историски најниско рангирана, рече дека имало значителни напори во борбата против корупцијата, но се оди бавно и не се доволно.

„Во овој случај мислам дека перцепцијата е многу важна. Ако луѓето забележуваат корупција, тогаш постои проблем. Ако е тоа нешто видливо со кое се борат секојдневно, мислам дека е важно да се обрне внимание. Кажавме дека Владата сноси одговорност и тоа е така, но не е само таа одговорна. Има повеќе чинители, институциите треба да ја одиграат својата улога“, рече амбасадорката Брнз.