Во Дебар и Центар Жупа повеќе од сто вработени добиваат плата без придонеси

Дебар и Центар Жупа

Во општините Дебар и Центар Жупа 12 правни субјекти вршат исплата на плати за вработените без придонеси. Станува збор за над сто вработени изјави за Радио Слободба Европа раководителот на единицата на Заводот за здравствена заштита во Дебар Фуат Спахиу. Тој објаснува дека меѓу правните субјекти кои не плаќаат придонеси предничат јавните комунални претпријатија ,„Стандард“ во Дебар и „Кале“ во Центар Жупа.

ЈКП „Стандард“ повеќе од десет години поради финансиски проблеми платите ги исплатуваат без да платат придонеси на Фондот за здравствено осигурување и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Проблемот е голем бидејќи вработените се ограничени во користењето на нивните права. Исто така големи проблеми имаат вработените кои се пензионираат, а добиваат многу ниски пензии поради неплатени придонеси.

Деновиве основачот на ЈКП „Стандард“ општина Дебар изврши кадровски промени. Новиот директор Бурим Каба вели дека ќе направат максимални напори за да се изврши исплата на придонесите. Голем проблем на комуналното претпријатие во кое има над 80 вработени е и наплатата на долговите што кон претпријатието ги имаат институциите, фирмите и домаќинствата чија висина изнесува над 1,6 милиони евра.