Град Скопје- повлечено е името на Али Паша Јанински од предлозите за преименувања улици

Седница на Совет на Град Скопје

Од град Скопје информираат дека на денешниот состанок на Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје е донесена одлука да се исфрли името на Али паша Јанински од предлог-листата за имиња на улиците во Скопје.

Одлуката на оваа комисија, наведуваат од градот, следува „по реакцијата на една од заедниците во Република Северна Македонија во врска со името на Али паша Јанински, а со цел никој во градот да не се чувствува засегнат или навреден од именувањето на улица или инфраструктурен објект“.


По објавувањето на предлог листата за имиња на улиците во Скопје реагираа од Демократски сојуз на Власите.

„Власите од Република Северна Македонија се зачудени и навредени од одлуката на листата на имињата на улиците да се најде сатрапот Али Паша Јанински. Освен што бил познат џелат, тој немал никаква друга историска заслуга за да се најде на оваа листа. Разбојник и одметник од Големата Порта, палел, убивал и пљачкал од убавите и богати влашки села. Затоа реагираме веднаш да биде тргнат од оваа листа“,наведоа од Демократскиот сојуз на Власите.

На листата за преименување на улици имаше 571 предлог, а за да се усвојат треба да бидат изгласани во советот на град Скопје.