За изборите во Бугарија се пријавиле 31 партија и 8 коалиции

Илустрација

За учество на парламентарните избори во Бугарија на 4 април документи доставиле 31 партија и 8 коалиции, објави портпаролот на Централната изборна комисија, Тања Цанева, по истекот на рокот за прифаќање на документите, јави МИА од Софија. Изборната кампања во Бугарија ќе почне на 5 март и ќе заврши на 2 април.

Владејачката партија на премиерот Бојко Борисов – ГЕРБ за првпат од основањето во 2007 година, се приклучи на коалиција. ГЕРБ склучи предизборен сојуз со најстарата антикомунистичка партија, Унијата на демократски сили (УДФ), основана по соборувањето на диктаторот Тодор Живков кон крајот на 1989 година. Двете партии веќе имаат искуство со заедничко учество на европските и локалните избори во 2019 година.

Меѓу пријавените е и партијата Русофили за преродба на татковината, предводена од Николај Малинов, а основана во 2008 година од поранешниот министер за одбрана Јордан Мутафчиев.

Парламентарните избори во Бугарија ќе чинат 1,5 милиони евра повеќе заради коронавирусот, со што вкупната сума за нивно одржување ќе се искачи на околу 52 милиони евра. На последните парламентарни избори во Бугарија во 2017 година учествуваа 18 партии и 9 коалиции. Излезноста беше 54,07 отсто или 3.682.151 луѓе.

Бугарските избори во Македонија се интересни особено поради најавите на дел од политичарите и од Бугарија и од Македонија дека по изборите во април може да почнат да се решаваат дел од спорните прашања меѓу Софија и Скопје, а дел од кои беа и причина за ветото на Бугарија за преговарачката рамка на Македонија со Европската унија, ставено лани во декември.