Министерот Османи денеска на средби со Вучиќ и Брнабиќ

Бујар Османи

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, денесќа ќе престојува во работна посета на Србија, при што ќе има средби со својот домаќин, министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ, како и со српскиот претседател Александар Вучиќ, со претседателот на Народното собрание, Ивица Дачиќ и со премиерката Ана Брнабиќ, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).

На средбите ќе се разговара за билатералните односи, можностите за нивно интензивирање и продлабочување со нови форми и содржини од заемен интерес, посебно, како што соопшти МНР, во областа на економијата и трговската размена, во која веќе Србија претставува наш значаен партнер.

„Во услови на сложена пандемија и започнување на процес на вакцинација, ќе бидат разгледани напорите и активностите на двете влади во справувањето со последиците и ограничувањата во борбата со вирусот Ковид-19, како и меѓусебната соработка и координација на тој план“, се додава во соопштението.