САД ќе разговараат со Франција, Британија и Германија за нуклеарниот договор со Иран

Изградба на нуклеарната постројка Фродо, Иран, 11 декември 2020 година

Министрите за надворешни работи на Соединетите држави, Германија, Франција и Британија денеска ќе разговараат за иднината на историскиот нуклеарен договор постигнат во 2015 година со Иран, а од кој Вашингтон се повлече во 2018 година. Со договорот потпишан меѓу Иран и четирите западни сили, заедно со Кина и Русија, се предвидуваше ограничување на програмата за збогатување на ураниум во Иран, а за возврат укинување на санкциите. Сепак, претседателот Доналд Трамп во мај 2018 година ја повлече својата земја од спогодбата и повторно воведе санкции кон Иран, велејќи дека условите не се доволно строги за да се спречи Иран да развива нуклеарно оружје.

Иран од 28 февруари ќе ја намали соработката за нуклеарен надзор

Иран отсекогаш негирал дека сака да развие нуклеарно оружје, велејќи дека неговата нуклеарна програма е строго за цивилни цели. Останатите потписнички се обидоа да го спасат договорот. Од повлекувањето на САД, Техеран сè повеќе ги прекршува границите за кои се согласи според договорот. Американскиот претседател Џо Бајден најави поголема подготвеност за справување со Иран отколку што направи неговиот претходник, но тој јавно изјави дека Иран мора да се придржува до својата обврска според договорот од 2015 година, пред неговата администрација да разговара за можноста за укинување на санкциите.