Почнува вакцинацијата против ковид-19

почнува вакцинацијата на здравствените работници во Скопје

Денеска почнува вакцинацијата против ковид-19 и тоа најпрвин со вакцинирање на здравствените работници од Инфективната клиника во Скопје. Надлежните потврдија дека подготовките за масовното вакцинирање се во тек, а до крајот на месецов се очекува да пристигнат и кинеските вакцини. Вакцинацијата ќе почне во 10 часот, во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Министерството за здравство соопшти дека пунктот во модуларната болница каде има шест позиции за вакцинирање ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје. Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути.

Кинеските вакцини треда да дојдат до крајот на месецов, изјави Заев

Националниот систем до ковид-центрите низ државата веќе испрати списоци каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје. Ковид-центрите треба повратно да ги потврдат листите. Досега се пријавени 4.000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2.000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови. На секој здравствен работник кој ќе прими вакцина, веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација. Првата вакцинацијата ќе се изврши со 4680 дози вакцини од производителот „Фајзер“, донирани од Србија. Со оваа пратка вакцини, имунизација ќе се спроведува само во модуларната болница во Скопје.

Стигнаа првите 4800 вакцини од Србија

Со пристигнувањето на другите дози вакцини, ќе се врши дистрибуција низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во сегашните пунктови за вакцинирање. Надлежните најавија дека до крајот на февруари се очекува да пристигнат кинеските вакцини. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку КОВАКС системот. Голем дел од граѓаните се заинтересирани за вакцинирање против Ковид-19, покажува веб-страницата „Vakcinacija.mk“.