Водење љубов, прислушување, вакцинирање...

САД - Американскиот демократскиот пратеник Бени Томпсон денеска поднесе тужба во која ги обвини поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп и адвокатот Рудолф Џулијани за заговор за поттикнување на насилен бунт во Капитол на 6 јануари. Томпсон претседава со Комитетот за домашна безбедност, во Окружниот суд во Вашингтон.

АВГАНИСТАН - Талибанците ги повикаа САД да го почитуваат договорот според кој сите странски сили треба да го напуштат Авганистан до мај 2021 година во замена за безбедносни гаранции од милитантната група.

БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Министерска за надворешни работи Екатерина Захариева изјави дека не е точно дека Бугарија го оспорува македонскиот идентитет. Тоа е лага, вели таа во интервју за zoom.mk.

РУСИЈА - Долниот дом на рускиот парламент го одобри во последното читање нацрт-законот што предвидува казни за оние што го кршат контроверзниот закон на земјата за странски агенти.

ИРАН / РУСИЈА - Иран и Русија започнаа заедничка вежба во северниот дел на Индискиот океан која има за цел да ја зајакне безбедноста на поморската трговија во регионот, објавија ирански државни медиуми.

МАКЕДОНИЈА - Вкупно 50.200 граѓани досега се пријавиле за вакцинирање против ковид-19 преку веб-страницата vakcinacija.mk. Освен на овој начин, пријавувањето може да се врши и преку матичните лекари преку системот Мој термин каде се пријавиле 23.808 лица.

ФРАНЦИЈА / БУГАРИЈА - Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја осуди Бугарија во два случаи во вторникот за антисемитски и дискриминаторски пораки во книгите и говорите на лидерот на Атака и општински советник во Софија, Волен Сидеров, објави Советот на Европа, пренесе бугарското дописништво на Радио Слободна Европа.

МАКЕДОНИЈА - Сакам да водам љубов, ама никако да се прегрнам со партнерот, изјави денеска премиерот Зоран Заев за условот на ВМРО-ДПМНЕ да прифати етничка определба во личните карти и за сметка на тоа да ја нема придавката Северна на името на државата. Заев нагласи дека ако сака опозицијата да даде поддршка, тоа треба да биде со уставното име, а тоа е Република Северна Македонија.

МАКЕДОНОНИЈА - Според анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број нови варијанти на коронавирус, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, соопшти денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од каде информираат дека податокот може да укажува на внес на нови случаи на Ковид-19 од странство. До сега потврдено беше само присуството на британската мутација на коронавирусот во земјата.

МАКЕДОНИЈА - Петтиот економски антикризен пакет тежи вкупно 9,7 милијарди денари или 160 милиони евра, содржи 29 мерки кои се распоредени во четири главни столба, рече денеска премиерот Зоран Заев на презентацијата на петтиот пакет за справување со економските последици од ковид пандемијата.

БЕЛОРУСИЈА - Белоруските безбедносни сили извршија претрес во домовите на повеќе од дванаесет новинари и активисти за заштита на правата низ целата земја, што, според еден лидер на опозицијата, е кампања за заплашување на независните гласачи. Најмалку 25 резиденции во Минск и други градови беа мета на полицајци и службеници за безбедност на 16 февруари.

МАКЕДОНИЈА - Обвинителите на денешното рочиште за случајот Таргет-Тврдина објаснуваа пред Судот како се правело прислушвањето во УБК и како се обезбедени докази и на дел од сведочењата на сведоците кои работеле во Управата. Обвинителството истакна дека тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, имал можност од својата канцеларија нелегално да слуша разговори, без судски налог.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Јужнокорејската разузнавачка агенција соопшти дека Северна Кореја се обидела да украде информации за вакцината против ковид произведена од компанијата Фајзер, пренесе Ројтерс.

БЕЛГИЈА / УНГАРИЈА - Европската комисија ја повика Унгарија да дозволи последната независна радио-станица во таа земја Клубрадио да продолжи со емитувањето по одбивањето на властите да ја продолжат лиценцата за емитување.