Над 50 илјади пријавени на апликацијата за вакцинација

Пратката на вакцини Фајзер од Србија со која утре ќе се вакцинираат здравствените работници

Вкупно 50.200 граѓани досега се пријавиле за вакцинирање против ковид-19 преку веб-страницата „vakcinacija.mk“. Освен на овој начин, пријавувањето може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“ каде се пријавиле 23.808 лица.

Вакцинацијата против ковид-19 почнува утре изутрина во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Прв ќе се вакцинира медицинскиот персонал од клиниката. Досега се пријавени 4000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2000 се во Скопје, а останатите во другите градови. Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

Пунктот во модуларната болница, каде има шест вакцинални позиции, ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје.