Ако има повеќе инфицирани со британскиот ковид сој, можни се нови мерки

Венко Филипче

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска изјави дека ако се зголеми бројот на инфицирани лица со новиот британски сој на ковид-19, постои можност да бидат воведени нови засилени рестриктивни мерки. За сега, додаде Филипче, нема потреба од нешто такво, но будно се следи ширењето на британската мутација.

„Лично разговарав со претставници од Амбасадата на Велика Британија во земјава и сериозно ја следиме состојбата. Засега постојат две опции. Едната опција е бранот да се должи на мутацијата на вирусот, а тоа значи дека ќе треба да воведеме дополнителни рестриктивни мерки доколку забележиме дека бројот на заразени се зголемува. Втората опција е доколку станува збор за природен тек на епидемијата не само како резултат на мутацијата на вирусот. Засега нема потреба од воведување нови рестрикции, но будно ја следиме состојбата“, рече Филипче.