Градот тврди улиците се чисти, ВМРО-ДПМНЕ дека Скопје е блокирано

Чистење на улиците на град Скопје од снег,14.02.2021

Од град Скопје денеска информираат дека се одржал состанок на кризниот штаб на кој потврдиле дека скопјани ќе ја дочекаат работната недела со целосно функционални улици и тротоари.

„Екипите на зимската служба на Град Скопје беа на терен уште од почетокот на вчерашниот ден и во текот на ноќта, при што досега се фрлени над 1000 тони сол на градските булевари и улици. Сите градски улици и булевари во текот на деноноќието беа чисти и проодни и никаде не е забележан застој на сообраќајот. Јавниот превоз се одвива без проблеми и нема одложени градски линии на ЈСП Скопје, а интензивно се расчистуваат снегот и мразот од тротоарите и од јавните површини“, наведуваат од град Скопје.

Од таму додаваат дека одлучиле да и помогнат на општина Сопиште во расчистувањето на неколкуте општински улици кои што се се уште блокирани и нагласуваат дека во нивна надлежност булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.

Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ, пак, на денешната прес конференција рече дека во сите општини имало заглавени возила по коловозите, непристапни пешачки патеки, а дека механизацијата со која толку се фалеа градоначалниците ја немало никаде.

„Ве прашуваме каде се службите, каде е механизацијата на градот? Градот Скопје е блокиран и непроооден при првиот снег. Градот Скопје троши милиони евра за чистење на снег, кој како што можете да видите воопшто не е исчистен. Снегот можеби ќе ја сокрие нечистотијата на градот, но ќе ја извади на површина неспособноста на Шилегов“, рече Митева.