Понудени две решенија за полагањето на државната матура

Лидерот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи

На средношколците им се понудени две решенија за државната матура: да полагаат два екстерни испита, а за интерните да добијат просечна оценка од четирите години во средно образование или да ги полагаат предметите по скратени програми.

Ова го изјави пратеничката Моника Зајкова од ЛДП по денешна одржана дебата во организација на парламентарниот Клуб на младински политики. Таа рече дека двете предлог решенија за државната матура ќе бидат испратени во писмена форма до Министерството за образование и наука и до Владата од каде, како што наведе, се надеваат на „позитивен одговор.“

Матурантите во изминатиов период ја бојкотираа наставата, бидејќи бараа да се намалат предметите за полагање на матура, од четири на два - мајчин јазик и предмет по избор од областа во која матурантот планира да ги продолжи студиите.

Тие на 8 февруари привремено го прекинаа бојкотот кој започна со почетокот на второто полугодие, но дадоа рок до крајот на месецот пратениците во Собранието да ги усвојат нивните барања, како што соопшти Сојузот на средношколци.

Средношколците рекоа дека во спротивно во знак на протест, ќе кампуваат пред зградата на Министерството за образование и наука до исполнување на нивните барања.

Зајкова истакна дека ова е пример за компромисно решавање на општествените проблеми и дека низ дебатата се наметнало оптимално решение за кое, како што вели, се надева дека ќе биде прифатливо за учениците, за Сојузот на средношколците, за МОН и за Владата.

„Скратувањето произлегува од претходно скратената настава поради КОВИД- кризата, неможноста соодветно да се следат предавањата и, како што тврдат средношколците, поради оскудните техничките услови на дел од нив, рече Зајкова.

Од Сојузот на средношколците велат дека за нив е прифатлива првата опција, но конечна одлука ќе донесат по состанок со членството.

„За два интерни предмета ќе треба да се напише просечна оценка од минатите четири години во средно образование. Ќе дискутираме во Сојузот и ако тоа се прифати, ние ќе пратиме образложена форма до Владата и до пратениците“, изјави претседателот на Сојузот на средношколците Бленди Ходаи.